Машката ракометна репрезентација на Црна Гора ќе има само десет дена подготовки пред настапот на ЕП 2018 во Хрватска на кое ќе игра во групата Ц заедно со Македонија, Словенија и со Германија. Селекторот на црногорската репрезентација, Драган Ѓукиќ ги известил ракометарте дека првиот собир ќе биде на 2 јануари, а шампионатот стартува на 12 јануари. Со оглед на тоа дека Црногорците на 5 јануари играат контролен натпревар во Сплит, а може да добијат и слободен ден за Божик на 7 јануари, Ѓукиќ ќе нема многу време за тренинзи пред ЕП.
Според црногорските медиуми, причина за одложениот старт на подготовките за ЕП се обврските на селекторот во Романија бидејќи тимот на Одорхеи кој го предводи Ѓукиќ на крајот на декември ќе игра на новогодишен турнир во Шпанија.
Сите други репрезентации во групата со подготовките почнуваат во втората половина на декември. Македонија стартува прва, а прозивката на Раул Гонзалес е закажана за 19 декември. Словенија подготовките за ЕП ги почнува на 20 декември, а Германците ќе бидат на собир на 23 декември иако потоа дел од репрезентативците ќе се вратат во своите клубови да го одиграат последното коло во Бундес-лигата на 26 и 27 декември.
Ваквиот потег на стручниот штаб на Црна Гора наиде на критики во црногорските медиуми кои посочуваат дека со исклучок на тројца репрезентативци кои настапуваат во Бундес-лигата (Владан Липовина, Стефан Чавор и Немојша Симиќ), сите други завршуваат со своите клупски обврски во наредните десетина дена.
ЕП 2018 во Хрватска ќе се одржи од 12 до 28 јануари. Натпреварите од нашата група Ц ќе се играат во Загреб. Македонија стартува против Словенија на 13 јануари, дуелот со Црна Гора е на 15 јануари, а на 17 јануари е дуелот со Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА