Вториот противник на Македонија на ЕП, репрезентацијата на Црна Гора загуби од Хрватска со 25-22 на првиот контролен натпревар во Сплит кој го водеше македонската судиска двојка Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.
Избраниците на селекторот Драган Ѓукиќ во поголем дел од натпревар беа во инфериорна позиција против домаќинот на ЕП. Хрватска прикажа многу поразновидна игра и одигра посебно сигурно во длабоката одбранбена формација која од таборот на “коцкестите“ ја најавија како „изненадување и ново оргинално решение“ во походот кон европското титула. Длабоката подвижна одбрана на Хрватска, ги исфрли од ритам бековите на Црна Гора кои тешко доаѓаа до реализација и на крајот од првиот дел Хрватска имаше предност од 13-10. Разликата сигурно ќе беше и поголема за домаќините ако не беше сигурниот Небојша Симиќ на голот на Црна Гора. Голманот на Мелсунген кој е повратникот во црногорската репрезентација имаше неколку успешни интервенции со кои ја држеше Црна Гора во игра.
Хрватска ја одржуваше предноста од 2-3 гола и во второто полувреме. Но, Црна Гора предводена од Симиќ, на стартот од второто полувреме налали на гол разлика (19-18), а потоа пропушти три шанси за изедначување. Во овој дел добро функционираше и одбраната на Црна Гора, во поголем дел во формација 3-2-1. Владан Липовина беше главниот адут во нападот на Црна Гора во овој дел од натпреварот во кој Црногорците успеваа да држат чекор, но, не и да направат резултатски пресврт.
Васко Шеваљевиќ со шест гола беше најефикасен во составот на Црна Гора. Мануел Штрлек со пет погодоци го предводеше нападот на Хрватска.
Македонија и Црна Гора ќе играат меѓусебе на 15 јануари, во вториот натпревар од групата Ц на ЕП, кој според многу проценки, може да биде решавачки за пласман во следната фаза на шампионатот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА