По првата „вистинска“ гостинска победа во Евролигата над турскиот Фенербахче, Црвена Звезда се врати во Белград каде веќе одработи еден тренинг пред утрешното вечно дерби против Партизан во 19. коло од Евролигата, натпревар кој е закажан со почеток од 20 часот во „Штарк Арена“.
А, за него неизвесен останува еден од најдобрите кошаркари во тимот. Станува збор за искусниот Лука Митровиќ кој влече повреда уште од натпреварот против Панатинаикос. Репрезентативецот на Србија одработи индивидуален тренинг, но дали ќе биде на теренот на утрешниот спектакл ќе остане неизвесно се до почетокот на средбата, изјави тренерот Сфаирополус.
„Денеска тренираше индивидуално и утре ќе биде дел од шутерскиот тренинг. Дали ќе биде дел од дербито ќе знаеме пред почетокот на натпреварот“, изјави грчкиот стратег.
На спротивната страна, значително ослабен се очекува да биде и Партизан, ако се знае дека Зек Ледеј не тренираше ниту денеска, па шансите за негов настап на утрешниот дуел се сведени на теорија.
Ледеј го пропушти дуелот со Асвел одигран синоќа, состојбата во последните 24 часа не му се подобри, па Обрадовиќ нема да може да смета на крилниот центар за големата пресметка со градскиот ривал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА