Црвена Звезда ги загуби ионака минималните шанси за пласман во нокаут фазата од Евролигата откако „црвено-белите“ загубија на гостувањето против Баерн Минхен со резултат 74-66. Петтиот пораз во последните шест меча беше неизбежен ако се земе во предвид катастрофалната игра во нападот и немоќта во отсуство на Милош Теодосиќ чие неиграње остави огромна трага врз изданието на вицешампионот на АБА-лигата.
Црвена Звезда одигра особено катастрофално во втората четвртина во која постигна само осум поени, но благодарение на цврстата одбрана на одмор замина со мала негатива од 32-27. Баерн сепак имаше повеќе расположени играчи во својот табор, во клучните моменти Бонга погоди две тројки по што баварскиот гигант се одлепи и на крајот стигна до заслужена победа. Високите играчи ја направија разликата, Девин Букер беше најефикасен кај Баерн со 22 поени, додека Ибака забележа 12 поени и осум скокови. Кај Црвена Звезда најефикасни беа Смарт со 13 и Боломбој со 11 поени.
Монако ја забележа и шестата победа во низа откако „кнезовите“ како гости ја преслушаа Барселона со 67-77, меч што гостите го добија благодарение на извонредната трета четвртина во која постигнаа 27, а примија само 16 поени. Мајк Џејмс псотигна 17, а Стразел 13 поени за Монако, а прв стрелец на Барса на овој домашен пораз беше Јан Весели со дабл-дабл од 19 поени и 10 скокови.
Асвел приреди изненадување славејќи на домашен терен над Милано со резултат 81-77, за своја само шеста победа сезонава. Гостите настапија без Миротиќ и Нејпир, но тоа не може да биде изговор за Еторе Месина и начинот на кој го загуби овој дуел од еден од најслабите евролигашки тимови. Асвел имаше „плус 17“ на четири минути до крајот кога Милано конечно се рзбуи, гостите од Италија дојдоа на „минус три“, имаа и напад за израмнување што Ло не го реализираше на три секунди до крајот, па францускиот состав заслужено се радуваше на победата.
Ловерњ со 17 и Де Коло со 13 поени ги предводеа стрелците на победничкиот тим, додека најефикасен кај Милано беше Девон Хол со 19 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА