Црвена Звезда ќе биде значително ослабена за гостувањето против Баерн Минхен во 27. коло од Евролигата, откако беше објавено дека Милош Теодосиќ речиси сигурно нема да може да им помогне на „црвено-белите“ против баварскиот гигант.
Извонредниот плејмејкер е најдобар кошаркар на Црвена Звезда сезонава, но Теодосиќ веќе подолго време влече незгодна повреда на скочниот зглоб. Тој во меѓувреме настапи на завршниот турнир од Купот на Србија на кој го доби и МВП-признанието, но таму ја обнови истата повреда, па Тео не е во полн тренажен процес со остатокот од тимот во последните петнаесетина дена.
Српските медиуми најавуваат дека тренерот Сферопулос не планира да ризикува и ќе го остави ветеранот во Белград, за целосно да ја санира повредата и најверојатно веќе во текот на следната седмица да може да се врати на терените.
Црвена Звезда има два пораза во низа (четири во последните пет меча) во Евролигата и слаб скор од 10 победи и 16 порази, за слаб пласман на 16. позиција во елитното европско клупско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА