Црвена Звезда донесе нов напаѓач од Аталанта за 3,5 милиони евра

Црвена Звезда продолжува со засилувањата со цел овој тим повторно да влезе во групната фаза од Лигата на Шампионите откако српскиот првак денеска го комплетираше трансферот на новиот голгетер, што ги чинеше „црвено-белите“ огромни 3,5 милиони евра.

Станува збор за Емануел Лате Лат, 24-годишен фудбалер од Брегот на Слоновата Коска кој ќе пристигне од редовите на Аталанта. Калчолигашот од Бергамо долго време инсистираше на отштета од пет милиони евра, за на крајот да биде постигнат договор од 3,5 милиони евра, за Лате Лат да се пресели на „Маракана“.

Овој фудбалер ги мина сите младински категории во Аталанта, но не доби шанса во првиот тим. Последните години ги мина на позајмици во неколку клубови, а ланската сезона блесна во Сент Гален, тим за кој во швајцарското првенство постигна 14 погодоци.

Лате Лат е третото големо засилување за „црвено-белите“ во летниот преоден рок, откако од Славија Прага како слободен играч пристигна крилниот офанзивец Олејинка, додека од Сент Етјен беше потпишан Жан Филип Красо, кој ланската сезона ја заврши со 17 гола и 12 асистенции зад своето име.

Се вчитува...