Црвена Звезда се мачеше на стартот од сезонава, но ситуацијата целосно се промени откако Душко Ивановиќ го презеде кормилото на „црвено-белите“. Под водство на новиот стратег шампионот на АБА-лигата игра препородено, за што доказ е денешната победа над Виртус Болоња од 83-74, четврта во низа на Црвена Звезда во Евролигата.
Почетокот неочекувано мина во знакот на гостите од Италија, кои во првата четвртина целосно го контролираа резултатот. Болоња имаше и двоцифрена предност на стартот од вториот период, но „црвено-белите“ се вратија со трите тројки во низа што ги постигна Аргентинецот Вилдоза. На одмор се замина со минимално водство на „црвено-белите“ од 42-41, што беше само најава за супериорната трета четвртина што тимот од Белград ја доби со 25-14 и со двоцифрена предност влезе во последните десет минути од мечот. Избраниците на Ивановиќ не само што не дозволија противникот да се врати, туку и дополнително ја зголемија предноста, за Виртус со две тројки во последната минута да ја спушти разликата под десет, за конечни 83-74.
Добриќ со 20 поени ги предводеше стрелците кај Црвена Звезда, 16 постигна Вилдоза, додека кај Виртус најефикасен беше Жаите со 15 поени, а целосно потфрли Ифе Лундберг, реализирајќи само два поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА