Кошаркарите на Црвена звезда поведоа со 1-0 во финалната серија против Будуќност, декласирајќи го бранителот на трофејот со убедливи 91-72. Откако лани беа изненадени во Белград, „црвено-белите“ овојпат не дозволија ништо слично, па благодарение на фуриозната игра во второто полувреме стигнаа до почетна предност над ривалот што лани ги изненади во големото финале.
Крајниот исход е разочарувачки за црногорскиот состав ако се земе во предвид добрата игра на Будуќност во првото полувреме. Црногорците имаа минимална предност во голем дел од полувремето, на одмор заминаа со негатива од три поени (45-42), но како пресудна се покажа третата четвртина. По израмнувањето на 45-45 следеше фурија на домашниот состав, кој со серија од 13-2 резултатски се одлепи, па на крајот славеше со убедливи 19 поени разлика. Како пресуден се покажа одличниот шут од далечина на домашните кошаркари, кои погодија 12 тројки од 22 обиди, наспроти седумте тројки од 24 шутеви на Будуќност.
Берон со 19 и Добриќ со 12 поени беа најефикасни во таборот на победничкиот тим, додека прв стрелец на Будуќност при денешниот пораз беше Кол со 18 поени, но голем дел од нив во финишот откако победникот веќе беше решен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА