Младиот српски кошаркарски стручњак Владимир Јовановиќ е наследникот на Дејан Радоњиќ на клупата на Црвена Звезда. Информацијата денеска ја објави раководството на „црвено-белите“, кое наместо да доведе странски стратег се реши за домашен стручњак, давајќи му доверба да го води тимот во Евролигата.
Јовановиќ првите тренерски чекори ги направи како стратег во младинските категории на Црвена Звезда уште во 2012 година, а пет години подоцна го презеде ФМП, тим со кој бележеше добри резултати во АБА-лигата. Последниот ангажман како самостоен тренер го имаше во Цибона, а извесно време беше и прв асистент на Игор Кокошков во српската репрезентација.
„Еден од најталентираните тренери, Влада Јовановиќ од младата генерација во Србија потпиша тригодишен договор со Црвена Звезда“, објавија белградските „црвено-бели“.
Прв асистент на Јовановиќ ќе биде Марко Симоновиќ, долгогодишниот кошаркар на „црвено-белите“ кој летово ја заврши својата играчка кариера.
Црвена Звезда го осигура Немања Недовиќ од Панатинаикос како прво големо засилување за наредната сезона, а во завршна фаза се и преговорите со одличниот центар Хасан Мартин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА