Црвена звезда претрпе уште еден пораз во Евролигата, овојпат на гостувањето во Барселона со 67-54, со што „црвено-белите“ сериозно си ја искомпликуваа судбината во трката за осмото место кое води во четвртфиналето од елитното европско натпреварување. Идентично како и на последниот дуел со Олимпијакос, очајната игра во нападот беше главна причина за неуспехот, откако против вообичаено слабата каталонска одбрана шампионот на АБА-лигата постигна очајни 54 поени. За мизерното издание доволно говори фактот дека ниту еден играч на „црвено-белите“ не стигна до двоцифрен број на поени, а белградскиот состав шутна дури 29 тројки (погоди само пет), наспроти осум слободни фрлања (исто така погоди само пет).
Дарушафака славеше во турската пресметка против Галатасарај со 73-67, со што тимот на Дејвид Блат дојде на само една победа зад Црвена звезда во битката за осмото место, а во последното коло Дарушафака во Истанбул ќе го пречека првакот на АБА-лигата. Денешниот триумф беше осигуран со подобра игра во второто полувреме, во кое домаќините имаа и двоцифрена предност за на крајот да слават со шест поени разлика. Бредли Вонамејкер одигра фантастично против Галата реализирајќи 22 поени, додека Клибурн го заврши мечот со 15 поени, 9 скока и три асистенции.
Големото дерби меѓу Олимпијакос и Реал Мадрид заврши со триумф на „кралскиот клуб“ од 73-79, победа со која Реал останува рамо до рамо со ЦСКА Москва во трката за првото место. Љуљ и Тејлор со по 21 поен беа најзаслужни за оваа голема победа на шпанскиот гигант, додека најдобар стрелец на Олимпијакос беше Милутинов со 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА