Црвена звезда по Џенкинс и Митровиќ остана без уште еден важен кошаркар, кој беше меѓу најзаслужните за одличните игри и резултати на „црвено-белите“ во претходните две сезони. Станува збор за плејмејкерот Стефан Јовиќ, кој и во иднина ќе настапува во црвено-бел дрес, но на екипата на Олимпијакос.
Како што јавуваат српските медиуми, сите детали од овој трансфер се веќе договорени, а кај Јовиќ пресудна била желбата да продолжи да настапува во Евролигата. Токму поради тоа српскиот кошаркар го одбил својот селектор Александар Ѓорѓевиќ, кој сакал да го доведе во Баерн Минхен.
Црвена звезда ќе заработи 160.000 евра од продажбата на одличниот плејмејкер, но сега на „црвено-белите“ им претстои напорна потрага да најдат адекватна замена за овој одличен кошаркар. За очекување е по Џенкинс, Митровиќ и Јовиќ, АБА-шампионот да го напушти и центарот Кузмиќ, кој доби неколку понуди од врвни клубови ширум Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА