Евролигата го откажа натпреварувањето во прекинатата сезона, а раководството на елитното европско натпреварување воедно го објави и списокот на учесници за наредната натпреварувачка сезона. Донесена е одлука и во сезоната 2020/21 да продолжат да се натпреваруваат истите екипи како во 2019/2020, што значи дека претставник на АБА-лигата и во новиот шампионат ќе биде Црвена Звезда.
Најголем губитник во целата ситуација ќе биде Партизан, тимот што беше првопласиран во АБА-лигата, но исто така и имаше најдобар скор по двете завршени групни фази во Еврокупот. Сепак, поради прекинот на двете натпреварувања Евролигата реши да нема промоција од Еврокупот во елитното натпреварување, па „црно-белите“ остануваат со празни раце и покрај извонредните резултати во текот на изминатата сезона. По ваквиот развој на настаните, Партизан останува и следната сезона да биде дел од Еврокупот.
Со најновата одлука, членови на Евролигата во новата сезона ќе бидат: Реал Мадрид, Барселона, Валенсија, Фенербахче, Анадолу Ефес, ЦСКА Москва, Зенит, Химки, Асвел, Алба, Баерн Минхен, Милано, Црвена Звезда, Макаби, Басконија, Жалгирис, Олимпијакос и Панатинаикос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА