Црвена Звезда се разбуди во вториот дел, Ефес „изгоре“ во Белград

Црвена Звезда ја прекина серијата од два пораза во Евролигата откако вечерва по голема битка славеше над Анадолу Ефес со резултат 97-83. Поранешниот европски првак одигра одлично прво полувреме во кое турскиот гигант имаше и девет поени предност (40-49), но и тоа беше недоволно за Ефес да стигне до триумф во Белград.

Немања Недовиќ го предводеше големиот пресврт во третата четвртина која мина во доминација на „црвено-белите“, домашните кошаркари постигнаа 29 поени и ја кренаа на нозе цела сала, што им беше од огромна помош во решавачките десет минути. Нападот на Ефес што функционираше многу добро во првиот дел повеќе не беше на ниво, на спротивната страна „црвено-белите“ имаа неколку „џокери“ од клупата, па важни поени постигна Тоби, потоа тројка погоди и Лазаревиќ, кршејќи го отпорот на гостите и на крајот славејќи со убедливи 97-83.

Недовиќ беше најефикасен со 23 постигнати поени (18 во второто полувреме), Лука Митровиќ одигра одличен натпревар со 19 поени, 7 скокови и три асистенции, додека Дос Сантош реализираше 15 поени и пет асистенции. Кај Анадолу Ефес најефикасен беше Ларкин со 21, пред Клајбурн со 17 поени.

Се вчитува...