Црвена Звезда претрпе пораз од 86-81 на гостувањето против Барселона во рамките од Евролигата, исход од кој АБА-вицешампионот може да биде разочаран ако се земат во предвид пропуштените шанси. Каталонците почнаа супериорно, во втората четвртина поведоа со 17 поени предност, но „црвено-белите“ предводени од Теодосиќ и од Недовиќ успеаја да се вратат во натпреварот.
Црвена Звезда во финишот имаше неколку акции да стигне до предност, но Нејпир најпрвин шутираше почетнички, на него се надоврза и Теодосиќ, кој при обид за тројка се премисли и направи „дупла“. Гостите од Белград преку Митровиќ успеаја да стигнат до израмнување на нешто повеќе од минута до крајот, но следеа поени на Весели, потоа и погоден луд шут на Џабари Паркер, што беше доволно за Барса да стигне до победата на овој драматичен натпревар.
Џабари Паркер со 20 поени беше најефикасен во победничкиот тим, 18 постигна Хернангомез, а 14 реализираше Јан Весели, додека прв стрелец на Црвена Звезда беше Лука Митровиќ, кој одигра одличен меч реализирајќи 22 поени.
Панатинаикос како гостин славеше над Алба со убедливи 85-99, најдобар меч на грчкиот гигант сезонава во елитното европско натпреварување. ПАО успеа да стигне до двоцифрена предност со одличната втора четвртина, на одмор замина со водство од 47-60, што избраниците на Атаман го претворија во конечна победа. Во тимот преполн со странци најзаслужни за победата беа грчките кошаркари, Митоглу реализираше 24 поени и 10 скокови, додека Слукас имаше 14 поени, 4 скока и 6 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА