Црвена Звезда направи огромен ремонт во играчкиот кадар, па очигледно е дека на „црвено-белите“ ќе им треба уште време за да се воиграат и да почнат да личат на сериозна екипа. Доказ за тоа беше и денешното полуфинале од Суперкупот на ВТБ лигата што се одржува во Белград, во кое Црвена Звезда беше торпедирана на свој терен од ЦСКА Москва со убедливи 67-89.
Рускиот гигант и сезонава нема да биде дел од Евролигата, но сепак состави конкурентен ростер со кој ќе атакува на титулата во ВТБ. Русите домииннраа од самиот почеток, ја добија првата четвртина со 30-19 и потоа го контролираа дуелот до самиот крај. Српскиот тим успеваше неколку пати посериозно да се приближи, но шутот од далечина беше катастрофален, Црвена Звезда погоди само две тројки од 27 обиди, реализација со која не може да се стигне до позитивен исход против ривал како ЦСКА.
Тримбл со 19 поени беше прв стрелец на ЦСКА Москва, Жан Шарл реализираше 16 поени, додека најефикасен во таборот на Црвена Звезда беше Картер со 12 поени.
„Црвено-белите“ во првиот меч од новата евролигашка сезона ќе го пречекаат тимот на Олимпија Милано, меч закажан за следниот вторник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

