Црвена Звезда во „црна“ серија, пораз и против лидерот Хапоел Тел Авив

Лидерот во Евролигата, Хапоел Тел Авив запиша уште една победа во најелитното клупско кошаркарско натпреварување во Европа, откако вечерва ја совлада Црвена Звезда со 84-78, која влезе во криза и го забележа третиот пораз по ред.

Мечот беше неизвесен и со многу пресврти, а победникот беше решен во последната четврина која Хапоел ја доби и на крајот тоа се покажа како клучно за оваа победа на избраниците на Димитрис Итудис.

Брајант од Хапоел и Батлер од Црвена Звезда беа најефикасни со 27 поени. Останатите далеку под нив, односно Отуру од Хапоел беше трет стрелец со 18 поени.

Претходно Макаби Тел Авив славеше кај Дубаи со 97-95 во драматична завршница од натпреварот, откако Макаби „прокоцка“ седум поени предност во последниот период. Но, на крајот успеаја да слават триумф.

Во балканското дерби, Панатинаикос го победи Фенербахче на негов терен со 81-77, благодарение на одличната игра во послендиот период и со голем пресврт, откако пред четвртата четвртина Фенер имаше предност од +7 поени. Нан беше брилијантен со 25 поени.

Олимпијакос на домашен терен загуби од Валенсија со 92-99. Шпанскиот тим по триумфот над Панатинаикос, запиша победа и над вториот грчки тим во Атина.

Се вчитува...