Кошаркарите на Црвена Звезда загубија уште еден меч против реномиран ривал во кој беа толку блиску до победата, откако вечерва беа поразени во Атина од Панатинаикос со 111-104, и тоа по продолжжение од пет минути. „Црвено-белите“ беа на чекор до нова сензација во Атина, но прокоцкаа голема предност во финишот. Дуелот беше егал од самиот почеток, а Црвена Звезда на три минути до крајот имаше осум поени предност. ПАО предводен од Нан и од Хернангомез успеа да се врати и да израмни, по што по промашувањето на Гидраитис со звукот на сирената, мечот мораше да биде решен во дополнителни пет минути.
Во продолжението „црвено-белите“ парираа три минути, но ПАО предводен од Кендрик Нан фуриозно го финишираше мечот и стигна до победа на овој драматичен натпревар. Нан одигра уште еден меч за паметење, реализирајќи 31 поен и 10 асистенции, Хернангомез имаше 18 поени и 11 скокови за ПАО, додека најефикасен кај Црвена Звезда беше Милер Мекинтаер со 26 поени.
Со овој пораз, „црвено-белите“ oстанаа на десеттото место на табелата и во плејин разигрувањето ги очекува гостување против Баерн Минхен.
Анадолу Ефес го запечати своето место во плејофот откако турскиот тим на домашен терен славеше над Жалгирис со 87-77. Ова беше седма победа во низа на избраниците на Лука Банки, кои сигурно ќе се најдат во Топ 6 и ќе имаат директен пласман во четвртфиналето од елитното европско натпреврување.
Дуелот со Жалгирис беше многу интересен, Ефес тргна фуриозно и поведе со 16 поени разлика, но гостите од Литванија се вратија и на пет минути до крајот израмнија на 73-73. Сепак, Шејн Ларкин ги презеде конците во играта на Ефес кога беше најважно, го врати својот тим во ритам и Ефес заслужено се радуваше на победата. Ларкин и Нвора беа најефикасни со по 13 поени, а одличен придонес даде и Дариус Томпсон со 9 поени и 8 асистенции.
Барселона во драматичен финиш успеа да слави над Виртус Болоња (91-87), со што каталонскиот гигант стигна до петтото место на табелата кое води директно во четвртфиналето, пред Ефес на шестата позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА