Црвена Звезда загуби уште еден евролигашки трилер

Кошаркарите на Црвена Звезда претрпеа уште еден минимален пораз во Евролигата, овојпат на домашен терен од Панатинаикос со резултат 77-81. „Црвено-белите“ имаат за што да жалат ако се знае дека во втората четвртина успеаја да се одлепат резултатски, а во третиот период имаа и „плус 14“. При фуриозна игра и водство од 52-38 Милер Мекинтаер промаши чиста тројка, момент по кој моментумот на мечот се промени.

Панатинаикос уште до крајот на третата четвртина успеа да се врати, по што до самиот крај се играше максимално неизвесно. Црвена Звезда промаши напад за победа при 77-77 на десетина секунди до крајот, по што Јаго изреагира почетнички и го фаулираше Лоренцо Браун. Поранешниот играч на Црвена Звезда немаше милост кон екс-клубот, два пати беше прецизен, Теодосиќ промаши тројка за победа на спротивната страна, по што Браун со нови два пенала на помалку од секунда до крајот ја осигура победата на европскиот првак во Белград.

Нан со 13 и Хернангомез и Браун со по 12 поени беа клучни играчи заедно со искусниот Слукас, додека кај Црвена Звезда најефикасни беа Кенан со 20 и Калиниќ со 13 поени.

Жалгирис е најпријатното изненадување во досегашниот дел од Евролигата откако вечерва по голема борба славеше над Монако со 63-62, за искачување на првото место на табелата со шест победи и само еден пораз. Гиедраитис ги постигна победничите поени на нецела минута до крајот, Монако имаше два напада за победа, но не ги искористи, на огромна радост на присутните во преполната арена во Каунас.

Буткевичиус со 13 и Смајлагиќ со 10 поени беа единствените со двоцифрен ефект кај Жалгирис, а прв стрелец на Монако беше Џордан Лојд со 18 поени.

Баерн Минхен на гостински терен го совлада Асвел со 71-84, меч на кој најефикасни во победничкиот тим беа Букер со 16 и Да Силва со 15 поени.

Се вчитува...