Црвена Звезда загуби уште еден „трилер“, ЦСКА шокирана дома без Џејмс

Оваа сезона дефинитивно е загубена за Црвена Звезда во Евролигата, откако шампионот на АБА-лигата загуби уште еден меч на домашен терен во неизвесна завршница, од Асвел со резултат 78-81. Дуелот беше крајно израмнет, во последните минути се играше беспрекорно во нападот со реализации на Добриќ и на Волден на едната, како и на Норис Кол на спротивната страна. Сепак, при резултат 78-79 топката наместо кај Волден заврши кај Џордан Лојд, американскиот бек промаши уште еден шут, по што Кол од линијата за слободни фрлања зголеми на 78-81. Црвена Звезда имаше уште неколку секунди за да дојде до израмнување, но повторно два шута зеде Лојд, двапати промаши, по што „црвено-белите“ претрпеа уште еден пораз во елитното европско натпреварување.

ЦСКА Москва без помошта на суспендираниот Мајк Џејмс беше шокирана на домашен терен од Баерн Минхен (66-69). Пресудна беше последната четвртина во која рускиот гигант постигна само шест поени (6-19 за Баерн), по што поразот беше неизбежен. Болдвин ги предводеше стрелците на Баерн со 22 поени, Сили реализираше 17, додека Милутинов со 16 поени и осум скокови беше најрасположен за игра во редовите на ЦСКА.

Реал Мадрид и без неколку стандардни првотимци благодарение на цврстата одбрана стигна до победа на гостувањето против Алба (63-72). Козер со 13 и Алкосен со 12 поени беа најефикасни меѓу „кралевите“ во овој триумф, втор во низа за „кралевите“.

Панатинаикос ја декласираше екипата на Валенсија со 91-72, меч на кој лидер на грчкиот тим беше Немања Недовиќ со 16 поени и 7 асистенции.

Се вчитува...