Црвена Звезда претрпе убедлив пораз на гостувањето против Зенит (98-69), потврда дека шампионот на АБА-лигата сезонава е предалеку од посакуваното ниво во однос на најдобрите европски клубови. Последниот триумф над Валенсија експресно падна во сенка на денешното очајно издание, во кое избраниците на тренерот Обрадовиќ беа целосно надиграни од мотивираниот руски состав.
Мора да се истакне дека Црвена Звезда настапи без својот најдобар кошаркар Џордан Лојд, во чие отсуство не се најде друг играч кој ќе ја преземе одговорноста во нападот. Катастрофата беше најавена со фуриозната прва четвртина на Зенит (30-12), „црвено-белите“ заиграа нешто подобро во вториот период (18-25), но потоа второто полувреме мина во доминација на домашните кошаркари, кои на крајот славеа со преубедливи 29 поени разлика. Риверс, кој пред две сезони настапуваше за Црвена Звезда, беше прв стрелец на Зенит со 23 поени.
Анадолу Ефес триумфираше над Барселона (86-79), нанесувајќи му го вториот пораз во низа на каталонскиот гигант. Пресудна беше третата четвртина што Ефес ја доби со 25-11, обезбедувајќи си предност што избраниците на Атаман ја задржаа за голем триумф над каталонскиот гигант. Ова е втор пораз во низа на Барса по неуспехот на домашен терен против Макаби, со што каталонците паднаа од првото место на евролигашката табела.
Шејн Ларкин ја одигра својата најдобра овосезонска средба постигнувајќи 24 поени, Мициќ реализираше 17, а Симон 16 поени. Најефикасен во таборот на Барса при вечерашниот пораз беше Миротиќ со 18 поени и 9 скокови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА