Црвениот картон ја уби драмата во Манчестер, Реал е во четвртфинале

Реал Мадрид е во четвртфиналето од Лигата на Шампионите откако „кралевите“ славеа и на вториот меч со Манчестер Сити, овојпат на „Етихад“ со 1-2. Реал имаше предност од три гола од првиот дуел, но Сити не се предаде, тргна офанзивно, но драмата исчезна по само дваесетина минути игра, откако Бернардо Силва доби црвен картон за играње со рака на сопствената гол-линија. Винисиус даде гол за водство на Реал, Халанд го прекина својот голгетерски пост со гол за 1-1, но тоа беше се што Сити успеа да стори на овој меч.

Винисиус беше најдобриот поединец во дресот на Реал на овој реванш, Бразилецот со гол во 93. минута му ја донесе победата на шпанскиот гигант, кој го продолжува походот по нова европска круна.

Челси и на вториот меч беше декласиран од ПСЖ, овојпат на домашен терен со 0-3. Притисокот врз Росениор ќе биде уште поголем откако „сините“ беа декласирани од овој ривал, во првото полувреме прецизно беа Кварацхелија и Баркола, а во вториот дел меѓу стрелците се запиша и Мајула.

Арсенал ја оправда улогата на фаворит  против Баер Леверкузен славејќи со 2-0 со головите што со удари од дваесетина метри ги постигнаа Езе и Рајс.

Арсенал за ривал во четвртфиналето ќе го има Спортинг Лисабон, Реал ќе се сретне со Баерн Минхен, додека ПСЖ го чека подобриот од двомечот Галатасарај – Ливерпул.

Се вчитува...