Црвена Звезда триумфално ја почна новата евролигашка сезона откако шампионот на АБА-лига како гостин славеше над дебитантот Париз со резултат 77-80. Победата е уште позначајна ако се знае дека „црвено-белите“ речиси три четвртини беа надвор од ритам, но се разбудија кога беше најважно, направија голем пресврт и стигнаа до триумфот.
Првото полувреме мина во знакот на Американецот со македонски пасош, Ти-Џеј Шортс, кој маестрално раководеше со нападите на Париз. „Црвено-белите“ се мачеа да го запрат експлозивниот плејмејкер, се соочија и со проблеми во нападот, па на одмор се замина со предност на францускиот тим од 43-35. Париз во третата четвртина имаше и 13 поени позитива(53-40), но потоа проработе шутот од далечина на гостите од Србија.
Во главна улога беше Немања Недовиќ со пет тројки во серија, во клучните моменти тројка реализираше и Калиниќ, а Милер Мекинтаер одлично раководеше со нападите на „црвено-белите“ во последната четвртина. Во неизвесна завршница триумфот беше запечатен со поените од слободни фрлања на Кенан, за заслужена победа на „црвено-белите“ по оваа жестока битка во „градот на светлината“.
Шортс го заврши мечот со 16 поени, 4 асистенции и три украдени топки, со што беше најдобар поединец во таборот на Париз. Најефикасни кај Црвена Звезда беа Недовиќ со 21, Кенан со 14 поени, а Милер Мекинтаер реализираше девет поени, шест скока и седум асистенции.
Анадолуд Ефес во последниот меч од првото коло како гостин ја совлада екипата на Виртус Болоња со 67-76. Клучна беше последната четвртина што гостите од Турција ја добија со 15-25, славејќи на ова незгодно гостување. Центарот Отуру со 14 поени и 9 скокови беше најзаслужен за триумфот на Ефес, 13 постигна Брајант, а 11 Ларкин. Најефикасен кај Виртус Болоња беше Кординие со 16 поени, пред Шенгелија со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА