Вардар се враќа во Првата лига. Ова е реченицата која сите љубители на „црвено-црните“ ја посакуваа пред натпреварот со Скопје во Кавадарци, а избраниците на Бобан Грнчаров успеаја да го остварат со убедлив триумф од 3-0. Мотивирано влегоа Вардарци во пресметката со досегашниот прволигаш, носени од своите „Комити“ кои дојдоа 4-5 илјади, уште на стартот успеаја да го отворат резултатот, а потоа да имаат и играч повеќе. Откако падна и вториот гол на стартот од вториот дел, приказната се чини беше завршена, а потоа следуваше и трет гол во мрежата на Скопје.
Размоски уште во 3. минута успеа повеќе на среќа да донесе предност за Вардар. Во мешаницата на петерецот, најпрво одбрани Ефремов, а потоа одбраната да избие го удри Размоски, топката заврши во мрежата на Ефремов.
По водството, играта се смири, а Скопје не доаѓаше до голот на Гачевски кој остана без работа. Голем проблем за „пиратите“ беше и црвениот картон кој го доби Тодоров поради тоа што врати факел кон трибините каде што се наоѓаа навивачите на Вардар. Скопје и со 11 во поле тешко се носеше, а нивната мисија беше уште потешка. До крајот на полувремето немаше промени.
Вардар го отвори вториот дел исто како што го отвори натпреварот – со гол во мрежата нa Скопје. И повторно Размоски, овој пат по негова „вина“ по одличната акција од левата страна на Десниќ, кој додаде до Размоски а овој само спроведе во празната мрежа.
Победникот тука веќе беше решен, но Вардар не застана. Во 60. минута Глишиќ постигна убав гол од слободен удар, откако кратко беше проигран од Николовски. Стрелаше прецизно, за целосно „тонење“ на прволигашот, и лансирање на Вардар во „елитната“ конкуренција.
Двата тима направија по неколку замени до крајот на мечот, но главно се играше по средината на теренот. Вардар мирно го контролираше мечот, додека Скопје се обидуваше барем да го ублажи поразот.
Вардар го обезбеди прволигашкиот статус, но за нив сега почнува „мисијата“ на консолидирање на екипата. Добро е познато дека Вардар „тоне“ во долгови, и дека тоа ќе мора да се реши ако сака добра презентација во прволигашката конкуренција. Во „црвено-црните“ ќе има лето во кое од многу работи ќе зависи иднината на клубот и во кој правец ќе се движи најтрофејниот македонски тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА