ЦСКА го „олади“ Милан со цената за Влашиќ

Милан се мачи да пронајде офанзивен фудбалер за врска што би го зазел местото на Чалханоглу, по големото предавство на турскиот репрезентативец и неговата преселба како слободен играч во редовите на градскиот ривал Интер.

Иско беше прва желба на „росонерите“, но огромните лични побарувања на шпанскиот фудбалер придонесоа Милан набрзина да се откаже од оваа намера. Како „план Б“ се споменуваше Никола Влашиќ, но и овој играч се чини недостижен откако ЦСКА побара богатство за негово заминување од Москва. Хрватот во последните две години е убедливо најдобар играч на ЦСКА, поради што рускиот клуб инсистира на отштета од најмалку 35 милиони евра. Во услови на коронавирус и финансиска криза, управата на Милан не е подготвена да издвои толкава сума, па се очекува да побара и трета опција за засилување на овој дел од тимот.

Приоритет во моментов е напаѓачката позиција, за што во завршна фаза се преговорите за Жиру од Челси. Фудбалерот веќе ги има договорено и личните услови, а се очекува и Челси во следните 48 часа да ја прифати понудата од три милиони евра, по што Жиру би пристигнал во Милано на лекарски прегледи и потпис.

Се вчитува...