ЦСКА изгоре во „пеколот“ во Атина

Олимпијакос ја доби кошаркарската војна со ЦСКА Москва, триумфирајќи со резултат 88-86 во дуелот на двата тима со најдобар скор во досегашниот тек од Евролигата. Дуелот мина во максимално израмнета игра, а грчкиот гигант клучната предност ја направи на стартот од последната четвртина, кога по водството на ЦСКА нанижа девет поени (седум од нив на Папаниколау). Рускиот првак успеа да се приближи на два поени разлика, по серијата слободни фрлања дојде и до „минус еден“, но ЦСКА сепак не го преживеа „грчкиот пекол“, па избраниците на Итудис го претрпеа третиот пораз сезонава.

Триумфот на Олимпијакос е уште позначаен ако се знае дека е извојуван без повредените Милутинов и Принтезис, а најефикасни кај победничкиот тим беа Меклин со 25 и Спанулис со 16 поени. Прв стрелец на ЦСКА беше Серхио Родригез со 23 поени зад своето име.

Ергин Атаман имаше губитничко деби на клупата на Анадолу Ефес откако турскиот тим загуби на гостувањето против Химки со убедливи 86-68. Во играта на Ефес немаше апсолутно никаков напредок во однос на онаа под водство на Перасовиќ, а искусниот тим на Химки знаеше како да го искористи тоа за да стигне до убедлива победа. Во главна улога беше Алексеј Швед, кој го заврши мечот со 25 поени и шест асистенции, Фил постигна 16 поени за Химки, додека прв стрелец на Ефес при денешниот пораз беше Меколум со 20 поени.

Се вчитува...