Двата тима што лани беа дел од финалето во Евролигата сезонава експресно се пласираа на фајналфор турнирот, откако и ЦСКА Москва со рецептот на Фенербахче, со максимални 3-0 го елиминираше својот ривал. Басконија и третпат одлично им се спротивстави на актуелните европски шампиони, но ЦСКА сепак успеа да стигне до триумф кој го одведе тимот на Итудис на Ф4 во Истанбул.
Првото полувреме мина во израмнета битка, завршувајќи со минимални 44-43 за Басконија. Мора да се истакне дека поради проблеи со ногата Теодосиќ одигра само пет минути од ова полувреме, но затоа одличен беше Хигинс, кој ја искористи поголемата минутажа на сметка на српскиот плејмејкер. Во вториот дел Теодосиќ ги презеде работите во свои раце, погоди неколку шутеви, но и го разигра остатокот од екипата. Домаќините во мечот ги одржуваше Шенгелиа, кој играше извонредно во третата четвртина, потоа му се приклучи и Ханга, а кога се разбуди и Ларкин домаќините опасно се приближија. Судиите досудија два сомнителни прекршоци врз Хигинс, со што му помогнаа на европскиот првак, но Ларкин со нова тројка внесе неизвесност во последната минута.
Де Коло направи тактичка лична грешка врз Ларкин на осум секунди до крајот при резултат 87-90, Американецот погоди само еднаш од линијата, но потоа Де Коло почетнички ја загуби топката и домаќините го добија последниот напад (88-90). Сепак, најпрвин обидот за тројка на Ларкин беше блокиран од Курбанов, офанзивен скок имаше Ханга, но и тој беше блокиран од страна на Хајнс, па ЦСКА ја забележа и третата победа, повторно минимална над незгодниот противник.
Кори Хигинс со 21 поен беше најефикасен во редовите на европскиот првак, Де Коло постигна 15, а Теодосиќ 13 поени за рускиот гигант, додека најдобар стрелец на шпанскиот тим беше Шенгелиа со 19 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА