Пролет триумфално ја почна 2022 година во Супер-лигата откако скопскиот клуб денеска славеше на домашен терен над Струга со 30-22. Избраниците на Лембанов имаа доста проблеми во првото полувреме, за во вториот дел да преземат целосна контрола и да стигнат до заслужена победа. Во главна улога беше искусниот голман Јане Цветковски, кој со неколку интервенци на стартот од вториот дел ја крена самодовербата кај своите соиграчи, за Пролет резултатски да се одлепи и да стигне до рутински триумф.
Мечот почна со рано водство на домаќините од 4-2, но гостинскиот состав експресно се врати и за момент имаше и два гола позитива (7-9). Лембанов го замени Петковски со Цветковски, искусниот голман веднаш одбрани пенал, но витинската трага ја остави во второто полувреме. Откако на одмор се замина со израмнети 13-13 (по голот на домашниот капитен Ласко Андоновски), Пролет уште од самиот старт на вториот дел заигра со далеку поголема цврстина. Струга последен пат беше во тесна негатива при 17-16 (резултат при кој гостите не реализираа ниту контранапад), по што Пролет целосно се одлепи и забележа заслужена победа.
Жарко Пејовиќ со шест гола, но и неколку асистенции и изнудени пенали беше главна фигура во нападот на победничкиот тим, шест погодоци постигна и Џонов, додека со пет гола дуелот го заврши Палевски. Во таборот на стружани најефикасни беа Барјактаревиќ со седум и Кастратовиќ со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА