Македонскиот ракометен голман Јане Цветковски својата кариера ја продолжува во Бундес-лигата, и тоа во тимот на Вецлар за кого веќе настапува и репрезентативецот Филип Миркуловски. За овој трансфер се шпекулираше веќе подолго време, за денеска Вецлар да го официјализира пристигањето на 30-годишниот Македонец, кој се најавува како замна за Тил Климпке и Тибор Иванишевиќ.
Цветковски ланската сезона со голем успех го чуваше голот на шведски Истад, летово си замина од оваа екипа во потрага по нов предизвик во кариерата, а со трансферот во Вецлар сега ќе има можност да се бори за место во тимот што е дел од најсилната лига во светот.
„Знаевме точно каков профил на голман бараме, во што Јане одлично се вклопи. Тој е свесен за улогата на резерва за Иванишевиќ и Климпке, ќе ни даде сигурност доколку дојде до болест или повреда на еден од првите ва голмани што ги имаме. На Јане му е јасно колкав квалитет е неопходен за да се биде дел од Бундес-лигата, па за да го достигне тоа ниво тој најпрвин ќе настапува на контролни средби со нашиот У23-тим“ – изјави менаџинг-директорот на Вецлар, Бјорн Сајп.
Самиот Цветковски не го крие задоволството од реализацијата на овој трансфер.
„Пресреќен сум што добивам шанса да се докажам во врвен клуб како Вецлар. Секогаш сум сонувал да играм во Германија, ќе сторам се за што поскоро да влезам во топ-форма и да им помогнам на соиграчите“ – изјави Цветковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА