Тубелис: Знаевме дека Димитријевиќ ќе нe прегази, но и дека нема сам да не победи

Македонската кошаркарска репрезентација претрпе пораз на гостувањето кај Литванија во четвртото коло од квалификациите за Евробаскетот 2025 во натпревар кој ќе биде забележан во историјата на македонската кошарка по извонредниот настап на Ненад Димитријевиќ кој реализираше 43 поени во Клаипеда.

За жал историскиот настап на 26-годишниот бек го одбележа и повреда па тој ги пропушти последните шест минути од средбата, период во кој Литванците го скршија македонскиот отпор.

Натпреварот го прокоментира и литванскиот репрезентативец Ажуолас Тубелис кој изјави дека неговата екипа била подготвена за поените на Димитријевиќ.

„Според планот за игра знаевме дека нивниот играч од Евролигата, од Армани (Димитријевиќ) ќе постигне многу поени, но нема сам да го добие натпреварот. Дадовме се од себе да го сопреме, но тој е фантастичен играч, фантастичен креатор, ќе најде начин да постигне поени. За жал се повреди, но сепак најдовме слаби точки во нивната одбрана и ги искористивме истите за голема победа“, изјави Литванецот.

Се вчитува...