Серијата на Баерн Минхен од 17 победи по ред во групната фаза од Лигата на ШАмпионите конечно беше прекината синоќа, кога баварскиот гигант ремизираше 0-0 на домашен терен против Копенхаген.
Баерн се мачеше да влезе во ритам, тешко креираше шанси за гол, а Томас Тухел увиде одредени работи на кои ќе мора да се тренира во наредниот период.
„Имавме сериозни проблеми, не влеговме во потребната брзина, не игравме онака како што знаеме. Копенхаген се бранеше премногу длабоко, се бранеше добро и затоа работите изгледаа онака како што изгледаа. Точно е, можеби не ризикувавме доволно, сменивме и одредени позиции на играчи, Гереиро дебитираше во средниот ред, сето ова придонесе на теренот да изгледаме онака како што изгледавме. Ако требаше да ни се случи да одиграме ваков меч, добро е што е токму овој со Копенхаген откако пласманот во осминафиналето веќе ни е обезбеден“, изјави Тухел.
Баерн сепак можеше да стигне до победата, Французинката Фрапар два пати покажа на белата точка, но потоа се премисли откако беше повикана од ВАР-арбитрите.
„Најдобро е да не кажам што мислам за судењето. Како тренер, секогаш е скапо кога ќе ги коментирате судиските одлуки. Сите видовте што се случи, најдобро прашајте го човекот задолжен за надгледување на судиите“, прокоментира тренерот на Баерн
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА