Една од причините за слабите резултати на Борусија Дортмунд сигурно е и променливата форма на Пјер Емерик Обамејанг. Најдобриот стрелец на „милионерите“ одигра очајно против Бенфика во ЛШ, не реализирајќи неколку зицери пред да промаши и пенал, со што беше главен виновник за поразот од 1-0 во Лисабон. Иако веднаш по тој меч Тухел истакна дека Обамејанг е изморен откако настапуваше за Габон на Купот на Африкански Нации, тренерот на „милионерите“ нема намера да му даде одмор на овој фудбалер за време на денешниот натпревар со Волфсбург.
„Размислувавме дали да го одмориме минатиот викенд со Дармштад, но дојдовме до заклучок дека нема потреба бидејќи тој е 100% подготвен, нема ниту најмала повреда. Мојот став е дека на Обамејанг не му е потребен одмор, туку голови, со самото тоа веднаш ќе му се врати самодовербата и ќе наликува на своите најдобри денови. Дуелот со Волфсбург е меч на кој мораме да стигнеме до цел плен и помошта на Обамејанг дефинитивно ќе ни биде добредојдена“ – ијави Тухел.
Борусија Дортмунд моментно се наоѓа на делба на четвртото место на табелата со Хофенхајм со 34 бода на своето салдо, дури 15 помалку од лидерот Баерн Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА