Се поверојатно е дека Тимо Вернер и во следната сезона ќе го носи дресот на Челси. Германецот кој пристигна на „Стемфорд Бриџ“ во 2020 година не успеа да се наметне во Лондон и со себе да ја пренесе одличната голгетерска форма од Лајпциг. Претходната сезона започна само 15 натпревари во Премиерлигата, а во вкупно 89 одиграни средби за Челси постигна само 23 гола.
Дваесетишестгодишникот посака смена на средината со цел поголема минутажа во пресрет на Светското првенство во Катар, како гласина се споменуваше трансфер во Јувентус или враќање во Лајпциг, но тренерот Томас Тухел има други планови, пренесуваат англиските медиуми.
Германскиот стратег сака да го задржи сонародникот во тимот и за следната сезона за која потешко од очекуваното Англичаните стигнуваат до засилувања. Заминувањето на Вернер ќе донесе дополнителни проблеми ако се знае дека не беше донесен класичен голгетер на местото на Лукаку, а приоритет за овој преоден рок останува засилувањето на одбранбената линија, каде од бројните шпекулации досега беше комплетиран само еден трансфер, оној на Калиду Кулибали од Наполи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

