Томас Тухел не крие дека е незадоволен од недоволната активност на Баерн Минхен на пазарот минатиот преоден рок, а управата на баварскиот гигант веќе најави дека е подготвена да се активира за јануари и да ги исполни желбте на својот тренер за засилување на играчкиот кадар за вториот дел од сезоната.
Баерн потроши премногу време во преговорите за Хари Кејн, а баварците се подготвуваат за нови преговори со Даниел Леви, откако високо на листата со желби на Тухел се најде уште еден фудбалер на Тотенхем. Станува збор за Ерик Дајер, поранешниот англиски репрезентативец кој воопшто не е дел од плановите на Постекоглу. „Спарси“ сакаа да го продадат овој фудбалер и во текот на летово, тој реши да остане и да се бори за првотимски статус, но откако не доби шанса во првите два месеци веќе му е јасно дека треба што поскоро да си замине.
Договорот на Дајер истекува во јуни 2024 година, што го прави достапен за сума од околу 10 милиони фунти што Баерн лесно може да си ја дозволи. Згора на тоа, овој фудбалер добро се снаоѓа и како централен дефанзивец и како последен играч за врска, двете позиции кои се најболни точки според Тухел, па јасно е зошто германскиот стратег сака да го доведе токму Дајер како идеално јануарско засилување на „Алијанц Арена“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

