Германскиот првак Баерн Минхен доживеа катастрофа на гостувањето во Франкфурт кај Ајнтрахт со 5-1. Момците на Томас Тухел го претрпеа еден од најтешките порази во последните неколку години. Со истиот резултат на истиот терен Баерн загуби пред четири години. Тогашниот тренер Нико Ковач доби отказ од клупата.
Медиумите во Германија не се нималку „нежни“ со играта и резултатот на Баерн Минхен.
„Срамотна шлаканица за Тухел и момците“, „Ладнокрвниот Франкфурт му даде пет гола на слабиот Баерн“, „Баварска срамота“… се само дел од насловите во германските Билд, Кикер и Спорт1, а сите ја потенцираат лошата игра во одбраната.
Томас Тухел изјави дека поразот е заслужен, и дека натпреварот бил чуден.
„Заслуживме да загубиме. Самиот натпревар беше чуден. Имавме шанси, но противникот се одработи. Не игравме добро, но резултатот е малку необичен. Немаме аргументи. Сите сме виновни за ваквата ситуација. Добро трениравме, но не бевме подготвени за овој предизвик. Мораме да се преиспитаме зошто толку лошо влеговме во мечот. Не покажавме желба за победа. Невозможно е да примиш пет гола, а да не си погрешил“, рече Тухел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

