Баерн Минхен се наоѓа во незавидна ситуација на едно коло пред крајот на сезоната во Бундес-лигата, па баварскиот гигант мора да очекува услуга од Мајнц во Дортмунд, а притоа да слави на своето гостување во Келн ако сака да се врати на врвот на табелата.
Во пресрет на утрешните последни натпревари од Бундес-лигата свое видување за сезоната даде Томас Тухел, човекот по чие доаѓање на клупата работите тргнаа на лошо за баварскиот гигант. Баерн беше елиминиран од Купот на Германија и од ЛШ откако Тухел дојде на местото на Јулијан Нагелсман, а под негово водство беа забележани и неколку разочарувачки резултати во Бундес-лигата по кои Баерн го загуби и првото место на табелата.
„Без разлика како ќе заврши оваа сезона, дефинитивно не е добра според стандардите што ги поставува Баерн Минхен. Дури и доколку станеме шампиони, сезонава ќе биде неуспех. Направивме премногу грешки, премногу „киксови“. Тоа е наш проблем, мораме да преземеме одговорност. Секако, нема да се предадеме, имаме обврска да веруваме до крај, тоа значи најпрвин да славиме на нашиот натпревар, а потоа да се надеваме на помош од Мајнц во Дортмунд“, изјави Тухел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

