Младите македонски ракометари го претрпеа првиот пораз на Светското првенство за играчи до 21 година што се одржува во Алжир. По стартните две победи, „црвено-жолтите“ во третото коло беа поразени од селекцијата на Тунис со 32-27 и шанса за пласман во втората осминафинална фаза ќе бараат во последните два натпревари од групната фаза против селекциите на Шпанија и на Бразил.
Македонските ракометари лошо го отворија натпреварот и му дозволија на противникот за пет минути да направи почетно водство од 3-0. Но, потоа работите во свои раце ги презеде капитенот Филип Талески и со три погодоци во серија, еден од игра два од седмерец, донесе изедначнување на 3-3 во 7.минута.
Тунижаните форсираа силно темпо, но Македонија во овој дел од натпреварот држеше чекор и изедначен резултат. Првото и единствено водство на македонската репрезентација и го донесе Давор Палевски со погодокот за 6-7 во 13.минута од натпреварот. И кога беа на чекор да направат пресврт, македонските ракометари не успеаја го издржаа притисокот, следуваа серија грешки во одбраната, лесно примени голови и несигурна игра во нападот. Обидот на селекторот Илија Темелковски да игра напад седум на шест, без голман не донесе резултат, туку лесно примени голови и сигурно водство на противникот. Македонската репрезентација девет минути беше без погодок, а Тунижаните знаеја тоа да го казнат и стигнаа до највисоки +6 поведувајќи со 15-9 на пет минути пред крај на полувремето.
Лошата серија го принуди македонскиот селектор да побара тајм аут, да направи ритација на бековските позиции и да го врати нападот во „нормала“ со шест на шест. Интервенцијата донесе резултат и два гола во серија. Постот на „црвено-жолтите“ го прекина Мартин Велковски, а потоа Филип Кузмановски од тешка позиција намали на 16-12. На полувремето Тунис замина со предност од 17-13.
Второто полувреме почна со нов погодок на Велковски и намалување на негативата на 17-14. Но, и брзо примен гол на спротивната страна каде македонската одбрана не успеа да го задржи најефикасниот играч на Тунис, Скандер Заид.
Неколку успешни интервенции на Никола Даниловски кој во вториот дел го замени Мартин Томовски на голот, внесоа дополнителна сигурност во играта на македонската репрезентација која во овој дел играше многу поконцентрирано и трпеливо ја топеше негативата. Во првите десет минути од вториот дел, Македонија на двапати имаше напад да намали на гол негатива, но и двете шанси останаа неискористени. Конечно, тоа му успеа на Давор Палевски кој погоди за 21-20 во 42.минута. И повторно, кога беше пресвртот на дофат, следуваше серија грешки и нереализирани напади што му остави простор на Тунис да постигне два гола во серија и во последната четвртина да влезе со предност од 23-20, а четири минути потоа да поведе и со 25-21.
За работите да бидат уште покомплицирани во завршницата, тунискиот голман Салах Мохамед Брахем му одбрани семдерец на Талески, а Тунижаните потоа брзо реализираа за нови +5 поведувајќи со 27-22 на девет минути пред крај. Исклучување на Јагуриновски и се понервозната игра на македонската репрезентација им одеше во прилог на Тунижаните кои лесно постигнуваа голови и практично веќе ја осигураа победата поведувајќи со 30-22 на пет минути пред крај, а истото темпо го задржаа и во финишот и на крај славеа со 32-27.
Филип Талески и Давор Палевски беа најефикасни со по шест гола, а Мартин Велковски постигна четири. Во селекцијата на Тунис прв стрелец беше Скандер Заид со дури 14 погодоци.
Утре е слободен ден во групата Ц и можност македонските ракометари да се соземат по овој разочарувачки пораз и да се подготват за дуелот со Шпанија во недела.
Во другите два натпревари од 3.коло, Шпанија ја забележа третата победа совладувајќи ја Буркина Фасо со 38-12, а Русија ги освои првите бодови совадувајќи го Бразил со 23-20.
Табела, Група Ц: Шпанија 6 бода, Тунис 4, Македонија 4,Бразил 2, Русија 2, Буркина Фасо 0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА