Селекторот на Финска, Ласи Туови, беше пресреќен по историскиот успех на Европското првенство во кошарка. Финците успеаја да стигнат до полуфиналето на Европското првенство за прв пат откако ја победија Грузија со 93-79.
„Сонувавме за ова, треба да бидеме горди на сè што направивме. Додека не ја победивме Србија, луѓето не беа многу заинтересирани за кошарката и многу сум среќен за сите луѓе што дојдоа да нè следат. Благодарност и до сите од нашиот персонал, тие се оние што ни дадоа можност да уживаме во овој голем успех“.
Остануваат уште два натпревари за нив, како потврда на успехот и патот од Дивизија Б па се до полуфинале на Евробаскетот.
„Тоа значи многу, секако. Ќе ви кажам накратко, ова е процес. Сè што инвестиравме во националниот тим може да се види и мислам дека ова може да биде лекција за сите фински спортисти дека треба да веруваат, да се поддржуваат едни со други и се надевам дека сè повеќе луѓе ќе се занимаваат со кошарка и дека повеќе луѓе ќе дојдат во Рига во петок. Затоа што не сакаме да запреме тука. Гладни сме и за финале на Евробаскетот“ – дополнува Туови.
Публиката го скандираше и името на селекторот на крајот од мечот што е само потврда на се што направи за националниот тим.
„Искрено, не го слушнав тоа. Им благодарам, одлично е. Долго време сум тренер, се чувствуваме поддржани и сме горди на сè што направивме, но не би зборувал за себе, би зборувал за играчите, тие работеа напорно и го донесоа сето ова.“
Дали размислувате за шампионската титула?
„Не размислувам за тоа, но само сум многу возбуден што имам можност да играм вакви натпревари со овој тим. Одиме чекор по чекор. Најпрво сакаме финале“ – вели Туови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

