Турскиот фудбалер Абдулах Доган требаше да потпише за Металист Харков, и да се пресели во вториот по големина град во Украина, но неговиот трансфер се претвори во пекол, откако при неговото доаѓање го дочекале бомби и ракети по руската инвазија во Украина.
Доган имал се договорено со Металист, и заминал на потпис. Во четвртокот по почетокот на нападот, сакал да се врати во Германија, каде живеел, но поради блокираниот аеродромски сообраќај, тоа не било можно. Заглавил во Харков од каде се јавил на новинарите на „Билд“.
„Спијам во метрото, затоа што надвор се слушаат пукотници. Тука ми се чини побезбедно, отколку да сум во стан“, рече Доган.
Тој е роден во Бремен, играше за Вердер, но потоа и за неколку нисколигашки клубови во Германија.
„Се плашам дека нема повеќе да ја видам мојата вереница, и своите браќа и сестри. Многу сум загрижен, ве молам спасете ме“, рече 25-годишниот фудбалер.
Семејството на Доган се обидело да контактира со германската амабасада во Киев, но таа била затворена поради нападите во главниот украински град.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА