Турција во полуфинале, Шенгун со рекорд и „трипл-дабл“!

Кошаркарите на Турција се пласираа во полуфиналето на Евробаскетот откако ја победија Полска во четвртфиналето со 91-77.

Турската кошаркарска репрезентација освои место меѓу четирите најдобри селекции на Евробаскетот, а најзаслужен за тоа е центарот на Хјустон Рокетс, Алперен Шенгун.

Младиот ас влезе во историјата на европските првенства, станувајќи најмладиот играч што постигнал „трипл-дабл“ учинок и само шестиот што го сторил тоа во ова натпреварување. Интересно е што последниот пат кога двајца играчи успеаја да постигнат „трипл-дабл“ на ист Евробаскет се случи пред повеќе од три децении, а сега, покрај Шенгун, тоа успеа да го стори и Лука Дончиќ.

Против Полска, Шенгун блескаше со 19 поени, 12 скока и 10 асистенции. По него следуваа Ларкин и Хазер со по 13 поени, Сипахи додаде 11, додека Осман, Коркмаз и Османи го завршија натпреварот со по 10 поени.

Од другата страна, најефикасни беа Џордан Лојд и Матеуш Понитка, кои постигнаа по 19 поени.

Во полуфиналето Турција ќе игра со подобриот од пресметката меѓу Грција и Литванија.

Се вчитува...