Ракометната репрезентација на Македонија славеше со убедливи 27-36 на готувањето против Турција во рамките од второто коло од квалификациите за ЕП 2024, триумф со кој „црвено-жолтите“ широко си ја отворија вратата за пласман на наредниот континентален собир. Смената на генерации минува подобро од очекувањата, Македонија игра одличен ракомет, па рутински победува дури и на „жежок терен“ како оној во Ван, каде со извонредна одбрана во првите петнаесетина минути беше стишена гласната публика, за трасирање на патот кон уште една лесна победа.
Почетокот беше супериорен, Пешевски ги постигна првите два гола на мечот, а откако погодија и Јагуриновски и Ѓоргиев, турскиот селектор беше принуден да побара тајмаут при негатива на неговите ракометари од 0-4. Македонската фурија продолжи, Талески даде два гола во низа, а одбраната на чело со Митревски овозможи и брз контранапад преку Костески, за водство од убедливи 0-7 по само десет минути игра. Турците при 0-8 добија и пенал, но Томовски влезе и го одбрани седмерецот на Озтурк, за продолжување на македонското шоу во Ван, а на спротивната страна прецизен од седум метри беше Манасков.
Турција првиот гол на натпреварот го постигна во 14. минута, кога Карагоч постигна погодок за 1-9. Македонските репрезентативци продолжија да го контролираат натпреварот, Лазаров изротира дел од играчите, па меѓу стрелците се запиша и Џонов, за предност од 4-12. Домашниот состав само за момент намали на 6-12, но Македонија повторно влезе во серија пред крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи 8-17.
Домаќините се обидоа со напади „седум на шест“ на почетокот од второто полувреме, но Македонија беше подготвена и за овој предизвик. Томовски застана на голот на местото на одличниот Митревски, во позициона игра лесно го контролиравме мечот, но малото опуштање донесе до грешки во нападот што Турција го искористи за да намали на 20-26 на половина од второто полувреме. Лазаров побара тајмаут, а Талески погоди во вистински момент за да ја запре серијата на противникот. Томовски одбрани зицер од контранапад при 20-27, по што завршните десетина минути минаа во рутинско одржуваше на водството и заслужена победа на македонскиот национален тим.
Филип Талески одигра одличен натпревар постигнувајќи седум погодоци, пет пати прецизен беше Дејан Манасков, додека четири гола постигна Јагуриновски, а за одбележување е дека меѓу стрелците за Македонија се запишаа дури 11 различни ракометари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА