Турците предупредуваат: Ако не игра, Елиф Елмас ќе стагнира во Фенербахче

Македонскиот дијамант, како што го нарекуваат во Турција, Елиф Елмас, нема голема минутажа во дресот на Фенербахче, а тоа може да биде многу лошо за неговиот развој и неговиот фудбалски талент би можел да стагнира. Ова е ставот на турскиот весник „Фанатик“, кој смета дека Елмас треба да добие многу поголема шанса од тренерот Ајкут Кочаман до крајот на оваа сезона, или пак од следната да се пресели во друг клуб, како отстапен играч, каде ќе може да игра во континуитет.

Елмас минатото лето направи сензационален трансфер за македонски услови од Работнички во Фенербахче и потпиша петгодишен договор, но не беше навреме лиценциран, па мораше да чека до 1 јануари 2018 за да добие право на настап. Одигра неколку натпревари во првиот тим на Фенербахче, беше стартер, доби шанса и од клупата, но на последните мечеви најчесто останува на клупата за резерви. На последниот меч против Акисар што Фенербахче го загуби со 2-3 на домашен терен, Елиф Елмас не беше ниту на клупата, а тоа е аларм дека сепак треба можеби и клубот да размислува за негово отстапување.

Елиф Елмас ќе биде предводник на нашата фудбалска репрезентација до 19 години на претстојните квалификациски мечеви од елитната рунда против Англија, Унгарија и против Летонија, што ќе се одржат во Скопје, за пласман на ЕП во Финска (16-29 јули).

.

Се вчитува...