У-19: Супер-меч на надежите – Голема победа над Полска на стартот од квалификациите за ЕП (ВИДЕО)

Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 19 години одигра извонреден натпревар против домаќинот Полска, победувајќи со 2-0 во првиот меч од Групата 5 во квалификациите за пласман на ЕП.

На дуелот кој се играше во Торуњ, Полска, селекцијата на Тони Јакимовски одигра беспрокорни 90 минути за сосема заслужен триумф по кој останува во трката за првите две места во групата кои водат во елитната фаза од квалификациите за ЕП.

Во 26. минута домашните добија крајно сомнителен пенал, но нашиот голман Љупче Џеков успеа да го одбрани ударот од 11 метри на Дариуш Сталмах.

Еден од најголемите таленти на македонскиот фудбал Мухамед Елмас, фудбалерот на Гостивар кој е прв братучед на македонскиот репрезентативец и член на Наполи, Елиф Елмас, мајсторски погоди со шут откосо од 18 метри за 2-0 против фаворитот Полска.

Македонија на дуелот против Полјаците одигра во следниот состав: Љ. Џеков, Стојилевски, Марковски, Абиола, Ѓ. Џеков, Зенделовски, Елмас, Ѓоргиевски, Фетаи, Величковски и Назифи. Во второто полувреме играа уште Николовски, Аризанковски, Данев, Нухија и Мељичи.

Македонија во групата која се игра во Торуњ е уште и со селекциите на Германија и Казахстан. Германците претходно славеа во 1. коло против Казахстан со 6-0.

Во следниот натпревар, македонските репрезентативци в сабота (14. октомври) од 15:30 часот ќе играат против првиот фаворит во групата, селекцијата на Германија.

Се вчитува...