У-21: Македонија и со играч повеќе поразена од Молдавија во Кишињев (ВИДЕО)

Младата репрезентација на Македонија доживеа разочарувачки пораз од 2-1 на гостувањето против Молдавија во Кишињев во третиот свој натпревар од квалификациската група Ц за пласман на ЕП 2025.

Составот на Драган Канатларовски беше подобар тим на теренот, имаше иницијатива со посед на топка од 60% наспроти 40% на домашните, но сето тоа залудно кога Молдавците искористија две од трите свои шанси за конечна победа. A Македонија притоа од 52. минута играше и со фудбалер повеќе по исклучувањето на Дану кај домашните.

Молдавците први поведоа во 55. минута со голот на Влад Раилеану кој недозволиво буквално се прошета по македонската одбрана минувајќи покрај тројца дефанзивци и стрелајќи прецизно од десет метри.

Но, Македонија веќе во 60. минута израмнува на 1-1 со голот на Лука Станковски кој убаво се снајде пред голот на домашните.

Сепак, и покрај македонската иницијатива, по еден контранапад Молдавија во 85. минута постигна гол преку Лупан за конечна победа од 2-1.

Во 93. минута Македонија постигна гол преку Абази сосема регуларен, кој се чини неоправдано беше поништен поради наводна офсајд позиција.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025 (У21) – ГРУПА Ц

Кишињев: МОЛДАВИЈА – МАКЕДОНИЈА 2-1

Тбилиси: ГРУЗИЈА – ШВЕДСКА 0-0

Гибралтар: ГИБРАЛТАР – ХОЛАНДИЈА 0-5

Се вчитува...