Кадетската репрезентација на Македонија за фудбалери до 17 години, како што е познато, за првпат во историјата на оваа генерација, обезбеди пласман во елитните квалификации за Европско првенство.
Составот на Горан Станиќ се најде меѓу 32 репрезентации од Европа кои на пролет следнава година ќе играат во елитните квалификации за место на ЕП, откако успешно ја мина првата квалификациска фаза.
По завршувањето на квалификациските групи, веќе познати се сите 32 репрезентации кои ќе играат во елитните квалификации. Покрај најдоброрангираните Германија и Португалија, уште 30 обезбедија место во ждрепката преку првата квалификациска рунда: Белгија, Швајцарија, Хрватска, Шпанија, Израел, Чешка, Турција, Финска, Исланд, Србија, Грција, Норвешка, Франција, Словенија, Шкотска, Данска, БиХ, Словачка, МАКЕДОНИЈА, Унгарија, Холандија, Австрија, Романија, Р. Ирска, Украина, Полска, Шведска, Кипар, Италија и Грузија.
А, ждрепката за елитните квалификации е закажана за 6. декември во Нион. Репрезентациите ќе бидат поделени во осум групи од по четири екипи, при што првопласираните како и најдобрите седум второпласирани селекции од осумте групи ќе играат на ЕП, заедно со домаќинот Англија.
Македонија, првата фаза од квалификациите ја мина откако беше најдобра третопласирани селекција во сите 13 групи. Во квалификациската група во Скопје, ремизиравме без голови со БиХ и Словачка, а ја победивме Молдавија со 2-0 со головите на Владан Новевски и Ване Тасевски…
Интересно, Македонија е само една од шест репрезентации, заедно со Италија, Израел, Данска, Финска и Исланд, која не прими гол во првата фаза од квалификациите од вкупно 13 групи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА