У17: Станиќ со девет интернационалци во Полска

Селекторот Горан Станиќ го објави списокот на играчи во селекцијата до 17 години што в недела ќе ги започне подготовките за елитната квалификациска рунда за пласман на ЕП во Англија. На списокот на кормиларот на националниот тим се најдоа девет интернационалци, но на него го нема Никола Секулов, членот на Јувентус кој беше дел од првата квалификациска фаза, но нема да патува во Полска.

„Турнирот во Полска е голем предизвик за сите нас, но патуваме без притисок и ќе настојуваме да се претставиме во најдобро светло. Доколку ни се укаже можност, секако дека ќе се бориме за историски резултат и пласман на завршницата во Англија. Во составот имаме 21 фудбалер и според мене, а мислењето го дели и стручниот штаб во репрезентацијата, во моментот ова се најподготвените фудбалери. Фаворит за освојување на првото место е домашната Полска, со Р. Ирска лани во септември одигравме двомеч (пораз од 2:0 и 0:0) и мислам дека ќе бидеме во конкуренција за позитивен резултат. Се надевам дека ќе останеме здрави и добро ќе се подготвиме за натпреварите“, изјави селекторот Горан Станиќ.

Македонија до 17 години првиот натпревар го игра на 21. март против Р. Ирска, на 24. март се соочуваме со Полска, а последниот дуел ќе го одиграме против Грузија.

 

Се вчитува...