Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години ја забележа првата победа на Челинџерот на ФИБА откако славеше над Грузија со 69-66 во неизвесна завршница.
Македонија успеа да наметне свое темпо уште на отварањето на натпреварот. Избраниците на селекторот Василев успеаја да го исконтролираат скокот, а тоа донесе лесни поени на спротивната страна па ‘црвено-жолтите’ постојано имаа предност. Сепак за разликата да не биде поголема од два поени (16-14) по 10. минути игра се покрижија Грузиците со добриот шут зад линијата 6,75 од каде беа четири пати прецизни. Како што одминуваше првото полувреме така Грузиците ја зацврстија одбраната и го запреа добриот проток на топката на нашите репрезентативци, а најдоа и решение под нашиот рекет па во еден момент и го превземаа водството, но не успеаја и да направат предност. Тајмаутот на Василев ги консолидираше нашите редови, а преку добрата одбрана ‘црвено-жолтите’ успеаја да изедначат на 30-30 по 20. минути игра.
Грузија целосно ја превзема иницијативата на почетокот на второто полувреме. Комбинираната одбрана со висок пресинг на нашите бекови создаде проблеми во нашиот напад, а шутот за три поени на ‘црвено-белите’ беше речиси непогрешлив па гостите во еден момент имаа и позитива од 37-46, која сепак не успеаја да ја задржат. Македонија ја зацврсти одбраната, најде пробив и во рекетот на противникот па ја намали негативата на 45-48 по 30. минути игра. Добриот моментум на нашите репрезентативци продолжи и на почетокот на последната четвртина во која преку Наков и Митревски ‘црвено-жолтите’ поведоа со 51-50. Грузиците брзо ги консолидираа своите редови, преку шутот за три поени ја вратија предноста и наговестија интересна завршница. До крајот на мечот двете репрезентации играаа во серии, а неизвесноста траеше се до последните секунди. На речиси минута до крајот на натпреварот Мемед со провид во рекетот донесе предност од пет поени (67-62). Грузиците потоа успеаја да ја намалат оваа разлика на само еден поен, на 20 секунди пред крајот имаа и негатива од два поени и напад, но не успеаја да реализираат за три поени што значеше и крај на мечот.
Наков и Митревски со по 19 поени беа најефикасни во таборот на Македонија, додека кај Грузија се истакна Очикидзе со 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА