Македонската млада репрезентација ја оствари втората победа во квалификациите, и втора против селекцијата на Ерменија. Откако ја совлада во Ереван, Македонија дојде до триумф и во Скопје против ерменската репрезентација, овојпат со пресврт од 3-1 со головите на Максимов, Илиевски и Емини од пенал.
На стартот од мечот „шок“ за нашата селекција откако Симонјан со глава погоди по центаршут од десната страна. Симонјан највисоко скокна и стрелаше во мрежата на Денковски.
Во 22. минута прекрасен гол на Максимов. Откако се проби по левата страна, Максимов од аголот на шеснаесетникот погоди во мала мрежа за израмнување.
Во вториот дел немаше многу шанси, главно се играше на средината на теренот. Двајцата селектори се обидоа со измени да ги „размрдаат“ своите фудбалери, а тоа им успеа на нашите репрезентативци. Нововлезените Абази и Илиевски создадоа шанса, за вториот да погоди во мрежата на Нерсисјан и да донесе пресврт.
До крајот на мечот досуден и пенал за Македонија, направен врз Дашмир Елези. Сигурен реализатор беше Сефер Емини кој што прецизно шутна во долниот лев агол од голот на Ерменија, за конечни 3-1.
Македонија со Украина во Истанбул ги завршува овие квалификации. Натпреварот се игра на 5. јуни, а потоа следуваат два пријателски меча со БИХ.
МАКЕДОНИЈА – ЕРМЕНИЈА 3-1 (1-1)
Стрелци: Максимов 22′, Илиевски 85′, Емини 96′ (п) – Симонјан 9′
Ж. Картони: Илиевски (М) – Агарсјан, Хамојан (Е)
МАКЕДОНИЈА: Денковски, Хајдари, Манев, Младеновски, Шеји, Емини,Рамадани (62′ А. Елези), Станковски (75′ Абази), Воша (62′ Д. Елези), Максимов (75′ Тодоровски), Ѓорѓиевски (75′ Илиевски).
ЕРМЕНИЈА: Нерсисјан, Самсонјан, Симонјан, Газарјан, Галстјан (46′ Манукјан), Алевердјан (59′ Хакобјан), Хамојан, Агасарјан. Григорјан, Шагојан, Мирзојан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА