Македонската репрезентација до 21 година на почетокот на септември го започнува новиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство 2023 година во Романија и Грузија.
Први противници за новиот селектор Драган Кантларовски ќе бидат Франција и Србија, а овие мечеви ќе бидат одиграни во Ле Ман на 2. септември, односно на „Билјанини Извори“ на 7. септември. На нив селекторот ќе може да смета на:
Голмани: Давид Денковски (Брегалница 2008), Марко Алчевски (Академија Пандев), Стефан Тасев (Македонија Ѓ.П. 1932);
Одбрана: Филип Антовски (Австрија Виена, Австрија), Блертон Шеји (Шкупи), Мартин Величковиќ Радуловиќ (Пелистер), Метју Божиновски (Мелбурн Виктори, Австралија), Марио Младеновски (Ботев Пловдив, Бугарија), Бесник Ферати (Академија Пандев), Адриан Хајдари (Рапид Виена, Австрија), Јован Манев (Брегалница);
Средина: Агон Елези (Вараждин, Хрватска), Енис Фазлагиќ (Жилина, Словачка), Али Адем (Шкупи), Томче Гроздановски (Злате Моравце, Словачка), Амел Рустемоски (Вил, Швајцарија), Лука Станковски (Работнички), Арби Воша (Македонија Ѓ.П.), Димитар Тодоровски (Работнички), Методи Максимов (Работнички), Емир Скендери (Струга Трим Љум), Лука Трајковски (Борец);
Напад: Стефан Чолаковски (Мелбурн Сити, Австралија), Марко Ѓорѓиевски (Шкупи), Марио Илиевски (Септември Софија, Бугарија);
Новиот селектор на репрезентацијата до 21 година во пресрет на мечевите верува во квалитетен настап и добро деби на новоповиканите Божиновски, Чолаковски и Рустемовски.
„Нов почеток и за мене и за фудбалерите. Со радост и нетрпение ја очекувам средбата со фудбалерите. Оваа генерација започнува нов квалификациски циклус и навистина задоволството и честа да ја предводам се големи, исто како и нашите очекувања од квалификацискиот циклус. На списокот се повикани во моментот најдобрите фудбалери со кои располагаме. Еден од главните услови за да бидат во репрезентацијата е стандардно да настапуваат во своите клубови.
Не очекуваат два тешки меча против Франција, тим кој е апсолутен фаворит во групата и домашниот натпревар со Србија, репрезентација која располага со многу квалитетни млади фудбалери. Се надевам дека најпрвин квалитетно ќе ги одработиме подготовките, сите ќе бидат здрави и ќе се борат за место во почетниот состав. Најважно за мене е сите да бидеме во функција на тимот. Очекуваме дека новоповиканите фудбалери Божиновски, Чолаковски и Рустемовски ќе дадат дополнителен импулс на тренинзите и натпреаврите и како и сите останати да го дадат својот максимумот и да се бориме за позитивен резултат на воведните два натпревари“, изјави Канатларовски.
Во стручниот штаб на селекцијата до 21 година се вклучени Шкумбин Арслани и Драган Начевски како помошници на селекторот Канатларовски. Тренер на голмани е Зоран Мицевски, а кондициски тренер Сашо Вељановски. Никола Зердески е тим менаџер во Македонија до 21 година.
Собирот на македонската репрезентација е закажан на 29. август (недела). Првиот тренинг е в недела од 18:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА