После хаосот кој настана непосредно пред натпреварот АЕК – Динамо Загреб, во кој едно лице го загуби животот, грчката полиција ги засили мерките за безбедност на границите, на аеродромите но и во главниот град, особено што таму идната среда треба да се игра и натпреварот од УЕФА Супер-Купот меѓу Манчестер Сити и Севилја.
По тој повод вчера грчката полиција спречила седум лица да влезат во земјата на границата со Бугарија. Лицата биле од Романија, а патувале во Атина за да присуствуваат на натпреварот Олимпијакос – Гент, во рамките од 3. квалификациско коло во Лигата на Европа.
Грчката полиција соопшти дека уапсените навивачи се дел од навивачка група на еден романски клуб, кој е во блиски односи со Гент, и требало да патуваат во Атина на мечот. Со тоа грчката полиција спречила можен нов инцидент во престолнината на Атина.
Во овој град пред два дена се одигра и натпреварот Панатинаикос – Олимпик Марсеј, за кој исто така имаше најави дека е од висок ризик, меѓутоа не се случи посериозен инцидент.
Поради убиството на навивачот на АЕК, УЕФА го одложи натпреварот со Динамо. Сега загрепскиот тим ќе биде прво домаќин на 15. август, а четири дена подоцна се игра реваншот во Атина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА