АБА-лигата бара начин како да му изрази максимална почит на Дејан Милојевиќ за неговиот придонес за развојот на ова регионално натпреварување, а веќе е покрената и прекрасна иницијатива – МВП наградата за најдобар кошаркар во сезоната на АБА да го носи името на трагично починатиот тренер.
Српските медиуми обелоденија дека иницијативата веќе е поднесена од страна на највисокото раководство на лигата. За неа ќе треба да гласаат клубовите кои се ко-сопственици во лигата, но се очекува да нема никакви проблеми во гласањето ако се земе во предвид високото мислење што буквално сите го имаа за големиот кошаркарски лик од регионот.
Иницијативата е поднесена, јасно е наведено дека конечна одлука нема, но и дека нема да се брза со оглед на фактот дека ова признание се доделува на крајот од сезоната, па АБА-лигата ќе има неколку месеци за овој предлог да биде изгласан.
Дејан Милојевиќ почина пред два дена во САД, откако имаше срцев удар на тимската вечера со играчите и тренерите на Голден Стејт, клубот каде работеше како помошен тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА